Македонија

Милевски: Од Програмата за меѓураничната соработка донираме на полицијата, тие се во првите редови во борба против кризата со Ковид-19

2.500 заштитни маски за повеќе употреби, 38.050 ракавици и 100 антисептик гелови ќе добијат полицајците од СВР Охрид, како и колегите од подрачните единици, во рамки на Програмата за прекугранична соработка ИПА II меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

– Би сакал да изразам благодарност до Европската унија за прифаќањето на пренамена на буџетот за реализација на донацијата. Полициските службеници се дел од првите редови кои помагаат во борбата против оваа криза предизвикана од Ковид-19. Соработката меѓу Северна Македонија и Албанија ќе продолжи. Меѓуграничната програма е многу важна за развој на градовите од обете страни на границата, можности за напредок на заедницата, но и за добрососедските односи и поддршка за членство во ЕУ,  изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Буџетот за донацијата изнесуваше 10.000 евра, кои беа подеднакви како за земјава така и за соседна Албанија.

– Многу сум среќен што сум тука бидејќи имаме можност да ги пренамениме заштедите од Меѓуграничната програма помеѓу Северна Македонија и Албанија, опрема која сочинува заштитни маски, ракавици, антисептик гелови за полициските службеници од СВР Охрид и нивните подрачни единици. Токму ова нам ни е пракса и со останатите проекти, ги утврдуваме заштедите и директно ги пренаменуваме да помогнеме во борбата со корона кризата. Ова е само мал дел денеска што ние го донираме а е преку итните донации, кои воедно за останатите се за медицинскиот сектор како и за подобрување на социјално-економските мерки. Имаме околу 66 милиони евра во форма на грантови за Северна Македонија кои се неповратни а се за повеќе области, за помош на институциите, цивилниот сектор и граѓаните, потенцира Фрејк Јанмат, раководител на сектор за економски прашања, градење институции, прекугранична соработка при Делегацијата на ЕУ во земјава.

Полицијата е еден од најзначајните институции во општеството во текот на корона кризата што комплетно ги штити граѓаните и е постојано на терен, така што секоја донација за нив е добредојдена.

– Донацијата од Програмата за прекугранична соработка ИПА 2,  меѓугранична соработка на Македонија и Албанија доаѓа во вистинско време и ќе ни помогне да бидеме поефикасни во реализацијата на задачите за поуспешна борба во сузбивањето на корона вирусот. Денеска со ова покажавте грижа за здравјето на полициските службеници и искажавте поддршка на СВР Охрид, потенцираше Илија Милески, началник на СВР Охрид.

Инаку, сто и педесет пакети со храна за социјално загрозените семејства погодени од пандемијата „Ковид-19“ во Елбасан и Грамш, Албанија беа донирани од Програмата и примопредадени од страна на тамошните власти.

фото: Министерство за локална самоуправа МЛС

На почеток