Македонија

Скопјанка која оздраве од коронавирусот воодушевена од човечноста на лекарите од Центарот за јавно здравје кои ја лекувале

Скопјанка која оздраве од коронавирусот и која решила да се лекува дома иако немала лесна форма на болеста, вели дека е восхитена и трогната од пожртвуваноста, професионалноста и човечноста на лекарите од Центарот за јавно здравје кои ја лекувале со домашни посети. Триесетгодишната девојка која живее сама и била сама во текот на целото боледување, вели дека најважно е да се биде максимално отворен и транспарентен со медицинските лица за целокупната своја здравствена состојба, зашто само така ќе може лекувањето да биде успешно, објави СДК.МК.

Битката со коронавирусот траела месец и пол.

„Се заразив од колеги на работа, во средината на март влегов во самоизолација, и првиот тест ми беше негативен. Три дена подоцна, развив симптоми. Осум дена имав многу висока температура. Тие осум дена, цело време бев во контакт со лекарите од Центарот за јавно здравје, ми се јавуваа на секои два саата да проверат како сум. Се лечев со парацетамол, витамини Д и Ц и инхалации со сода бикарбона што многу ми помогна. Осмиот ден почнав да осеќам страшни болки во зглобовите и коските, од што бев целата во грч почнав многу да кашлам. Тогаш првпат дојдоа лекарите кај мене дома, сакаа да ме однесат на Инфективна клиника, но јас одбив. Имав лошо чувство, мислев ако одам на клиника нема жива да излезам од таму. Решив да останам дома под лекарски надзор сè додека може. Потпишав дека своеволно одбивам хоспитализација и оттогаш лекарите доаѓаа секој ден за преглед. Болките беа неиздржливи, а антибиотик не смеев да примам бидејќи сум алергична. Не знам што точно ми дадоа, ама по 2-3 дена болките попуштија, а со тоа и кашлицата почна да се смирува“, вели девојката за СДК.МК и додава:

„Немам зборови да ја опишам пожртвуваноста, професионалноста и човечноста на лекарите од Центарот за јавно здравје, им симнувам капа. Првиот ден кога дојдоа останаа многу подолго од предвиденото. Ми беше лошо, немав сила да се движам. Кога ме виде таква, една лекарка ми рече – Ќе ти сварам супа, ќе те закрепне. Ми дојдоа солзи на очи, ме трогна длабоко. Тие лекари ми го спасија животот“.

 

Текстот во целост на СДК.МК

На почеток