Пратеничката Емилија Александрова од Независната пратеничка група го осуди инцидентот со кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски и побара случајот да се расчисти. Истовремено, го праша Дурловски, дали и тој ќе се одважи да ги осуди сите напади на пратеници, повици за линч и бесилки, како и теророт кој го доживеале при уставните измени за кои гласаше и таа. Александрова го прашува Дурлвски: „Дали мислиш дека тој што те стави на листа е најголемиот виновник за тотално нарушување на меѓучовечките односи како во партијата и надвор од неа?“
„Почитуван колега Дурловски, добредојде во како што сега е тренд да се нарекува новата македонска реалност, за која директна одговорност имаш ти, јас и сите други политичари од сите партии. На почеток сакам силно да го осудам овој настан и сакам да те охрабрам случајот веднаш да го пријавиш до надлежните институции а истите тие соодветно да постапат со брза и правична реакција, затоа што ваквите случаи треба од старт да се спречат посебно имајќи го во предвид моментот на се поизвесните избори а следствено на тоа и заоструванње на предизборната реторика. Колега Дурловски, во целост го разбирам твојот шок од настанот и во целост те разбирам како се чувствуваш. Сигурно си го имаш поставено прашањето, зошто тоа мене ми се случи, што направив , па јас правам добро за државата и верувам во тоа. Се додека човек лично не почувствува на своја кожа не е свесен дека тоа претходно му се случувало и на други….но 100 стапа по туѓ грб не се ништо“, пишува Александрова во отвореното писмо.
Таа му порача на Дурловски дека се срами од некои негови постапки.
„Многу ќе ми беше мило вака храбро да се одважиш и да ги осудиш сите напади на пратениците кои доживеаа вистински терор од неистомислениците. Лични навреди, повици за линч, бесилки, закани кон нашите деца и фамилии. Нешто што не би го посакала никому да го помине. Да те прашам…дали чувствуваш директна одговорност за закрвување на односите меѓу луѓето со своите ставови, дали мислиш дека тој што те стави на листа е најголемиот виновник за тотално нарушување на меѓучовечките односи како во партијата и надвор од неа, реализирано преку многубројни пресови со заканувачка содржина, индиректно повикување на луѓето на несоодветни реакции притоа кога ќе завршат пред судските органи, се каат и срамат од своите постапки. Но тогаш го нема твојот лидер да им помага. Еве ако нешто ти значи, јас за мене ќе кажам дека се срамам од некои свои постапки, говори каде што тогаш несвесно влијаев на членството да се радикализира. Им се извинувам длабоко поради тоа. Но тогаш и јас верував во нешто нереално, што е пак друга тема“, додава Александрова.
Инаку, Игор Дурловски вчера објави дека бил нападнат на улица од лице кое го посочи дека е советник на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
