Македонија

КСС: Следи социјална криза, одговорност мора да има

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија –КСС тргнувајќи од фактот на се понагласено кршење на работничките права, на се повеќе губење на работни места го упатува ова соопштение до јавноста да побара и укаже на мерки кои треба итно да се спроведат, се вели во дописот кој го испратија до медиумите.

Имено, состојбата е повеќе од загрижувачка и алармантна, од причина што секојдневно се зголемува бројот на невработени во реалниот сектор. Од друга страна слушаме за се повеќе вработувања во јавниот сектор. Во последните два месеци работното место го изгубија преку 15.000 работници, на преку 50.000 секојдневно им се заканува отказ од причина што не земале плата веќе два месеци и ако тука се додадат и работниците во сивата економија кои се непријавени, чија бројка изнесува преку 100.000 и се најлесен таргет за губење на работа и на крај сите оние кои се на принуден одмор, некои со 70%, некои со 50%, а некои со никакви примања, доаѓаме до една застрашувачка бројка.

Микро фирмите очајно бараат помош, бараат помош и занаетчии, таксисти, бараат помош угостители, хотелиери, сметководители и тоа само по себе кажува дека економските мерки се недоволни. Индексите за мерење на економската помош со која земјите се справиле со корона кризата кажуваат дека сме на последно место во регионот и во Европа.

Мерките за  заштита на работните места се недоволни и не се применуваат, па доаѓаме до состојба на се повеќе заболени работници, бизнисите затвараат, сите трпат загуби, а надлежните институции беспомошно и немо гледаат како да се немоќни да преземат било каква акција.

Одговорност мора да постои и тоа уште денес, затоа што оваа здравствена и економска криза многу брзо ќе се претвори во социјална криза.

Сите земји во регионот и оние кои беа страшно погодени во Европа полека и сигурно се справија со заразата.

Ние неколку пати испративме предлог мерки, иницијативи изработени од стручни лица, инженери и доктори за заштита при работа, но очигледно Вие без да ги погледнете ги ставивте адакта. И ако се спроведеа тие мерки точно и прецизно опишани, со целосна анализа на последиците кои треба да се спречат, кои патем еве не газат, ние во овој момент немаше да имаме ни 10% од овие проблеми кои како облаци лебдат над нас и прашање е само кога ќе направат таква олуја што ќе треба многу време за  да се санира.

Мерки сега и веднаш,

Одговорност сега и веднаш, вклучување на експертската јавност уште денес, затоа што импровизации, исполнување желби и непрофесионално правење уредби, а потоа по неколку пати преправање  носи целосна конфузија, само одиме надолу.

По сите наши анализи добиени од информации на терен, кои се загрижувачки, со стравување и загриженост Ве прашаме:

–  Дали ќе можете  до крајот на годината да финансирате одредени работни места, иако тие финансии и така не се доволни

– Дали ќе можете да се справите со енормно голема невработеност која доколку не се преземе нешто денес за неколку месеци ќе порасне вртоглаво,

– Дали ќе можете  да се справите со социјалната криза која не демне и само што не дошла на гости во нашата земја, затоа што на подолг временски период не се издржува со 6.000 ден. или 9.000 ден. или пак кај некој и без никаква егзистенција.

Солидарен поздрав до сите работници во Македонија и да бидат сигурни дека КСС стои и ќе стои во одбрана на работничките права, се вели во соопштението од КСС.

фото: Архива

 

 

 

 

 

На почеток