Македонија

Македонски интернист во Германија: Има луѓе кои не веруваат дека вирусот постои, а сепак болниците се полнат

Горан Трајковски од Скопје веќе пет години живее и работи во Нирнберг, Германија. Истовремето, тој е и специјализант по интерна медицина, а во болницата во која работи, се среќава и со пациенти заразени со Ковид-19.

Во нашата земја од почетокот на јуни рапидно почна да расте бројот на заболени од корона вирусот, а Трајковски низ „негови очи“ се обиде да ја искоментира состојбата во нашата држава, објави Фокус.мк. 

Според него, порастот на бројот на заболени во Северна Македонија може да се должи на неколку работи.

Засилено тестирање и со тоа детектирање на повеќе случаи и намалување на „црната бројка на заразени“.
2. Опуштање на мерките што логично води до зголемување на бројот на заразени, но не значи дека е грешен потег. Целта на секоја држава е да се опуштат мерките до ниво на кое што здравствениот систем ќе биде подготвен да се справи со бројот на заболени и на тој начин ќе се обезбеди функционирање на општеството не само на здравствено туку и на социо-економско поле. Поради ова е важно постепено укинување на мерките за да не дојде до нагол наплив на пациенти во болниците и со тоа преоптеретување на системот што придонесува за лоша прогноза на болеста.
3. Недоволно почитување и спроведување на мерките од Владата.
4. Самата природа на вирусот: да не ја заборавиме силата на природата и дека иако е 21 век, некои работи се надвор од наша контрола“, анализира Трајковски.

Како што истакна тој за Фокус , за ваквата ситуација во која се наоѓа моментално нашата земја, треба да се изнајдат креативни решенија, а не да се бараат виновници.

Мерките кои ги презеде државата се истите кои се превземаат во остатокот од светот. Број 1 и најважна мерка применета уште во времето на шпанскиот грип е социјално дистанцирање. До каде ќе се одведе таа мерка зависи од моменталната ситуација, односно тоа е спектрум на мерки почнувајќи од држење дистанца помеѓу луѓето се до полициски час. Другите мерки во однос на обезбедување доволен медицински капацитет и стручност за конкретниот проблем како и работа на изнаоѓање лек/вакцина, експериментални студии секоја држава ги спроведува според своите капацитети“, додава тој.

Но, во нашата земја се уште има луѓе кои не веруваат дека вирусот постои и дека е измислен, додека пак од друга страна се полнат болниците со заразени од Ковид-19.

Теориите на заговор се секогаш интересни и примамливи, посебно во ситуација каде што постои голема недоверба во официјалните државни органи. Постои и психолошки бенефит за оној кој верува во одредена теорија на заговор, односно чувство на поголема контрола и на сфаќање на овој комплициран свет. Тоа во комбинација со лошо медицинско или општо образование доведува до таков резултат. Такви ситуации во Германија јас не сум доживеал и не е тема на разговор во круговите во кои јас се движам, но, сигурен сум дека постојат“, додава нашиот соговорник.

Текстот во целост на: ФОКУС.МК

На почеток