Македонија

(ВИДЕО) Срушени силосите од бетонската база на Усеини, акцијата продолжува утре

Денеска се руши бетонската база која без никаква документација и спротивно на законот, советникот на Општина Охрид, Нефи Усеини од ДУИ ја изгради на петстотини метри од брегот на  Охридското Езеро.

Денеска се срушени силосите од базата, а акцијата продолжува утре и ќе трае се до комплетно расчистување на просторот.

Советникот Нефи Усеини преку писмо се обрати до медиумите во кое меѓу другото тврди дека немал намера ниту помисла да работи на штета на Охрид, туку напротив и бара властите да изнјадат соодветен простор во регионот за поставување на базите.

„На градоначалникот Константин Георгиевски и останатите надлежни институции треба да им биде јасно дека крајбрежјето и голем дел од заштитните зони на овој регион долги години бесправно се злоупотребуваат од страна на стотици фирми и поединци! Затоа упатувам порака до сите надлежни да не постапуваат селективно во овој процес и конечно сите без исклучок да ги почитуваат законите.“ – пишува Усени во писмото.

Инаку базата Усени ја направи во јуни минатата година, а за неа, нема ниту еколошка дозвола, како што налага Законот за животна средина, па така, објектот е еден од оние кои го загрозува статусот УНЕСКО на Охрид.

Парцелата на која е изградена базата е во сопственост на Исламската верска заедница, која ја добила преку процесот за денационализација во периодот од 2013 до 2014 година.

Усеини успеа, но непознато на кој начин, да спроведе и струја до бетонската база, иако таа е нелегална и спротивна на законите. Општина Охрид, претходно немаше доволно средства за да ангажира работници и градежни машини за да ја урне базата, што беше оправдување оваа акција да се одложува до сега.

Базата за производство на бетон се наоѓа на стариот пат Охрид – Струга.

Акцијата продолжува утре.

На почеток