На 26.07.2020 година со посебни мерки и здравствени протоколи, на брод беше одржан главниот настан на овогодишното одбележување на Денот на реката Дрим. Овој настан е дел од одбележувањето на Денот на Дрим во четирите земји кои го делат басенот.
Како предходница на овој главен настан во рамките на одбележувањето на Денот на Дрим 2020 на македонска страна беа извршени теренски посети на реките, притоки на Дрим и Охридско Езеро и беа изработени видео материјали за некои од нив.
Темата на годинашново одбележување гласеше „ Новата нормалност во заштитата на биодиверзитетот во Дримскиот Басен“. Реализатори на настанот беа Центарот за одржлив развој од Дебар во партнерство со Регионалниот зелен центар од Охрид.
Главниот настан го отвори координаторот на Дримскиот Проект Дејан Пановски во име на Глобалното Партнерство за води – Медитеран , организација која финансиски го поддржува одбележувањето на денот на Дрим како активност во рамките на Дримскиот Проект.
„Седма година по ред преку „Денот на Дрим“ целта ни е сензибилизација на јавноста за прашањата на управувањето и заштитата на заедничкиот Дримски Басен. Експертите го изготвија Стратешкиот Акционен План за Дримскиот басен, а политичките претставници на државите го одобрија. И тоа е основниот документ кој содржи мерки за управување и нуди решенија. Тие решенија треба да се следени со јасни политички одлуки во интерес на заедничкото управување со Дримскиот басен кој содржи силен, не само еколошки туку и економски и енергетски аспект“.
Пред присутните обраќање имаше Шуип Марку од Центарот за одржлив развој од Дебар како носител на проектот.
„Нашата цел е да работиме заеднички и да го заштитиме Дримскиот Басен, но за тоа е потребно активно да се вклучат и надлежните државни институции и заедно да пристапиме кон проблемите со кои се соочуваме. Воедно, сакам да се заблагодарам што оваа година довербата ни беше дадена нам да го реализираме овој проект и сигурен сум дека успеавме да ја подигнеме свеста кај локалното население, тргнувајќи од најмладите од основните училишта.“
Предавање на настанот одржа проф. д-р Сузана Патчева на тема „Заштита на биодиверзитетот по текот на реките од сливното подрачје на реката Црн Дрим“.
„Заштитата на разновидноста на животинскиот и растителниот свет и одржувањето на квалитетот на водата на реките, притоки на Охридското Езеро и реката Црн Дрим се од огромно значење, како на национално така и на локално ниво бидејќи локалното население на тој начин обезбедува здрава животна средина, а истовремено има значајни директни и индиректни придобивки од истото.“
Овогодинешниот проект беше насочен и кон најмладите, односно учениците од ОУ Ванчо Николески с. Лескоец и учениците од ОУ Дебрца. За подобра едукација, од страна на истражувачкиот тим беа изработени три едукативни видеа за Белчишкото блато, за реката Црни Дрим и изворите на Реката Црн Дрим кај Свети Наум :
Беше организирано предавање по електронски пат од страна на проф. д-р Сузана Патчева, а на крај им беше испратен и прашалник со кој утврдивме дека сите учесници на едукативното електронско предавање се здобија со поголемо знаење, односно го сфатија значењето на Дримскиот басен за целиот регион, како и заштитата на биодиверзитетот.
