Македонија

(ФОТО) Охриѓани по цели ноќи неможат да спијат, журки на секое ќоше, смет расфрлан на најрепрезентативните места од градот

Жителите на Охрид, поготово од стариот дел ноќи неможа да спијат. Групи од млади лица, со алкохол и храна се собираат прават неред до раните утрински часови.  Зад нив оставаат купишта смет и расфрлани шишиња од пива.

Ова е сликата на стариот дел на Охрид утрово. ЈП Охридски комуналец од раните утрински часови се обидува да го расчисти градот, но до кога? До вечерва која сликата ќе се повтори?

Жителите од стариот дел велат:

„Дома си е дома“, но дали вака прават и дома? Секоја вечер од 23:00 до 04:00 жителите од Канео, во предворјето на Св. Софија, Сараиште Антички театар е претворено во групни збиралишта, се пие алкохол, се урла, се нема мир…!!!

Доколку надлежните не превземат ништо и не ги стопираат овие појави тие се закануваат дека сами ќе го обезбедат мирот. Додаваат дека нити се спие, а неможе ни да се шета. Премногу има недозволени групи на млади, појава која е забранета и од Владата поради пандемијата.

Но, не само жителите од стариот дел на Охрид. Ваква е ситуацијата скоро во сите населби во Охрид.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски за Скопје 1 вели дека полициските службеници се постојано на терен.

„Буквално 24/7 сме на терен. Ја покриваме целата територија која е во надлежност на Секторот.  Контролираме и по плажите и паркинзите, кои се мета на крадци поготово во овој период од годината. Апелирам, граѓаните да внимаваат на своите лични предмети, а секое вознемирување и непочитување на законите да ги пријават во СВР Охрид“, вели Димовски.

Инаку Охрид деновиве е преполн. Но, кафанџиите неможат да склопат крај со крај. Гостите кои овој период престојуваат во Охрид, си понеле дури и храна од дома, за да немора да купуваат овде. А за вечерни излегувања очигледно се одлучиле во големи групи по цела ноќ, но на отворено, на најпознатите и нарепрезентативни места во Охрид, но со кеси пива и грицки од маркети.

Овие групи покрај тоа што го нарушуваат законот за ред и мир, ги нарушуваат и препораките на Владата за услови на пандемија кои се децидни,задолжителна дистанца и носење заштитна маска. Ниту еден од овие млади луѓе кои се журкаат по цела ноќ, не носи маска, а за дистанца и да не зборуваме.

Дали ќе се стави ред на оваа појава останува да видиме.

 

На почеток