Сметаме дека треба кривично да се одговара и некој да заврши зад решетките, вели Дарко Димовски, претседателот на ССМ, во емисијата „Утрински брифинг“, по информациите дека над 700 работодавачи земале пари од државата за да исплатат плата како помош поради корона-кризата, а парите не им ги исплатиле на своите вработени.
Ваквиот негов став доаѓа на ден по откривањето од Сања Лукаревска, директорка на Управата за Јавни Приходи (УЈП), дека околу 700 фирми аплицирале и добиле финансиска поддршка од државата за исплата на плати за месеците април и мај, но не трансферирале дел од парите на своите вработени.
„Некој треба кривично да одговара и да заврши зад решетки. Апелиравме за ова до Управата за Јавни Приходи од каде реагираа во најкус можен рок. Компаниите се лоцирани и согласно законот, заедно со Државниот трудов инспекторат, ќе бидат изречени глоби за исплата на парите што ги должат. Но, тоа не е доволно и мора кривично да се одговора“, истакна Димовски.