Активистите на неформалната еколошка организација „Чист Охрид“, иако како заложба го имаат фокусот на унапредувањето на животната средина, не го изоставуваат и квалитетот на живот кој мора постојано да се унапредува. Односно, сите придружни работи кои се подразбираат под унапредувањето на животната средина и квалитетот на живот.
– Силно ги поздравуваме (и ги поздравивме) заложбите на локалната власт за создавањето нови велосипедски патеки, но, нивниот концепт мора да се унапреди и доработи. Имено, повеќе од два месеци, новите вело-патеки низ градот не се целосно завршени. Освен обележувањето на патеките, ситуацијата на улиците каде што се наоѓаат е идентична како порано. Како организација бараме под итно поставување на столпчиња на патеките, со цел заштита на животот и поголема безбедност на велосипедистите во градот кои се еднакви учесници во сообраќајот. Автомобилите доминираат, а новите патеки се окупирани од нив што го отежнува транзитирањето. Освен ова, во иднина бараме и целосна заложба на локалната власт во подобрувањето на велосипедската инфраструктура, велат од „Чист Охрид“.