Преговорите меѓу Авганистан и Пакистан во Истанбул, чија цел беше постигнување на долгорочно примирје, завршија без договор, изјавија денеска два извора запознаени со ситуацијата, што претставува удар за мирот во регионот по смртоносните судири овој месец.
Целта на разговорите беше воспоставување траен мир меѓу двата јужноазиски соседа, откако неколку десетици лица беа убиени долж нивната граница во најжестокото насилство откако талибанците ја презедоа власта во Кабул во 2021 година.
Двете страни на 19 октомври во Доха се согласија за прекин на огнот, но не успеаја да постигнат заеднички став за време на вториот круг преговори, со посредство на Турција и Катар во Истанбул, пренесуваат авганистански и пакистански извори. Секоја страна ја обвини другата за неуспехот.
Извор од пакистанските безбедносни служби изјави дека талибанците не биле подготвени да се обврзат дека ќе ги ограничат пакистанските талибанци — посебна милитантна група непријателски настроена кон Пакистан, за која Исламабад тврди дека делува неказнето во рамки на Авганистан.
Авганистански извор запознаен со разговорите изјави дека тие завршиле по „напрегнати разменети зборови“ околу тоа прашање, додавајќи дека авганистанската страна тврдела оти нема контрола врз пакистанските талибанци, кои последниве недели изведувале напади врз пакистанската војска.
Најновите судири избувнаа по пакистанските воздушни напади на почетокот од месецов врз Кабул и други локации во Авганистан, при што цел беа водачи на пакистанските талибанци. Талибанците возвратија со напади врз пакистански воени позиции долж целата граница долга 2.600 километри.
Триесетмина загинати во судирите за време на викендот
Прекинот на преговорите, кој го привлече вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, може дополнително да го оптовари примирјето меѓу Авганистан под талибанска власт и нуклеарно вооружениот Пакистан. Пред три дена, пакистанскиот министер за одбрана изјави дека верува оти Авганистан сака мир, но дека неуспехот на разговорите во Истанбул би можел да значи „отворена војна“.
И покрај примирјето меѓу Пакистан и талибанците, во судирите за време на викендот загинале пет пакистански војници и 25 пакистански талибанци во близина на границата со Авганистан, соопшти војската завчера.