Сообраќајна незгода е пријавена денеска во 15:48 часот, кога преку дежурниот центар Е-112 Охрид било известено дека патничко моторно возило излетало од коловозот и завршило во реката Радика, во близина на манастирот „Св. Јован Бигорски“.
По пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи Тетово стапил во телефонски контакт со лицето што го пријавило настанот, кое информирало дека возилото се движело со поголема брзина, изгубило контрола, неколкупати се лизгало и се превртело, по што паднало во реката Радика, на делницата по манастирот.
За несреќата веднаш биле известени полициските службеници од Полициската станица Ростуше, кои ја потврдиле информацијата и излегле на местото на настанот. На терен се наоѓа и командирот на ПС Ростуше заедно со полициска екипа.
Истовремено, била известена и Територијалната противпожарна единица Гостивар, од каде е испратена екипа со две противпожарни возила и четворица пожарникари, како и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше.
Надлежните служби се на терен и преземаат активности за расчистување на местото и утврдување на сите околности поврзани со сообраќајната незгода. Засега нема официјални информации од МВР за несреќата и за жртвите.