Босанскохерцеговскиот јавен радиотелевизиски сервис БХРТ од петок ќе прекине со емитување на дел од програмата поради тешката финансиска состојба и блокираните сметки.
Од БХРТ соопштија дека од петок нема да се емитува информативната емисија „БХТ1 во живо“, како и викенд-изданијата на „Утра за сите“.
Сервисот предупреди дека може да бидат укинати и други емисии бидејќи, поради блокираните сметки, не може да испраќа новинарски екипи на терен и нормално да ја реализира програмата.
Во прашање е и преносот на натпреварите на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина во Лигата на нациите бидејќи финансиските проблеми го доведуваат во прашање обезбедувањето на преносите.
БХРТ најави и поднесување тужби против државата Босна и Херцеговина, Парламентарното собрание и Советот на министри поради, како што наведуваат, долгогодишно непочитување на Законот за јавниот радиодифузен систем и нерешеното финансирање на сервисот.
Финансиската криза во БХРТ трае со години, а еден од главните проблеми е начинот на собирање и распределба на радиотелевизиската такса. Радио-телевизијата на Република Српска, според БХРТ, со години не исплаќа дел од наплатената такса што му припаѓа на државниот јавен сервис, поради што долгот надминал 50 милиони евра.
БХРТ има и повеќемилионски обврски кон државата и вработените. Поради блокираните сметки, доведени се во прашање исплатата на платите и другите примања, како и уплатата на придонесите и трошоците поврзани со здравственото и пензиското осигурување.