Војната во Украина сè поизразено се одразува врз секојдневието и економијата во Русија, покажува прегледот на руските медиуми што го објави долгогодишниот дописник на Би-би-си од Москва, Стив Розенберг. Од осигурување автомобили од напади со дронови до раст на цените на основните продукти и зголемен буџетски дефицит, руските весници известуваат за последиците од конфликтот врз земјата.
Розенберг посочува дека руските медиуми сè почесто известуваат за нападите со беспилотни летала, а темата веќе не е присутна само во воените весници. „Известија“ пишува дека расте интересот за осигурување од напади со дронови, поради што осигурителните компании почнале да нудат посебни полиси што покриваат штета на автомобилите предизвикана во вакви напади.
Последиците се чувствуваат и во електронската трговија. Според „Комерсант“, трговците кои продаваат преку големите платформи сè повеќе ја преместуваат стоката во сопствени складишта, бидејќи логистичките центри стануваат редовни цели на напади. Уделот на трговците што ја испраќаат стоката од сопствени складишта на платформата Wildberries достигнал 97,4 отсто, а на Ozon 73,1 отсто.
„Росијска газета“ истовремено објавила оглас за систем за заштита од дронови, наменет за големи фабрики, рафинерии и складишта. Системот се нуди за изнајмување за дури 25 милиони рубљи месечно, што е речиси 300.000 американски долари.
Економската слика е уште понеповолна. „Независимаја газета“ пишува дека буџетскиот дефицит во првите осум месеци бил 1,5 пати поголем од износот што руското Министерство за финансии го планирало за целата година и достигнал 2,5 отсто од БДП.
И покрај високите цени на енергенсите, кои носат приходи во буџетот, Русија својата нафта и понатаму ја продава со попуст од околу 20 долари за барел. Економисти цитирани во весникот предупредуваат на „преладување“ на економијата и опасност од стагнација.
Притисокот врз граѓаните особено се забележува во продавниците. „Московски комсомолец“ пишува дека боршчот веќе не е евтино јадење, бидејќи цените на зеленчукот значително пораснале. Компирот за една година поскапел за 30 отсто, цвеклото за 32 отсто, а зелката за дури 38 отсто.
„Известија“ во меѓувреме забележуваат дека големите трговски синџири, по години на проширување, почнале да ги намалуваат инвестициите во отворање нови продавници.
Руските медиуми се занимаваат и со надворешната политика. РБК ја разгледува можноста за троен состанок на Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг на самитот на АПЕК во Кина во ноември, при што односите меѓу трите сили ги опишува како „асиметричен триаголник“, во кој Вашингтон и Москва се наоѓаат во длабока криза.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, за „Ведомости“ повторил дека Русија, според неговото гледиште, може да опстане само како голема сила.
Розенберг својот преглед го завршил со шега објавена во рубриката за хумор на „Московски комсомолец“: „Понекогаш седиш и размислуваш: ‘Боже, со што го заслужив сето ова?’ А потоа точно се сетуваш што си направил и си велиш: ‘Всушност, уште и добро поминав.’“