Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, предупреди дека развојот на вештачката интелигенција мора да биде проследен со строги ограничувања, оценувајќи дека ризиците би можеле да ги надминат потенцијалните придобивки.
Во текст објавен на неговата страница „Gates Notes“, Гејтс истакна дека одлуките што се носат во овој период ќе бидат од клучно значење за иднината на технологијата и за тоа дали таа ќе придонесе за поголема еднаквост или ќе создаде нови облици на неправда.
Тој предупреди дека забрзаниот развој на вештачката интелигенција може да доведе до масовно губење работни места, но и да има негативно влијание врз образованието и развојот на децата. Дополнителен ризик, според него, е можноста моќните модели да бидат злоупотребени од криминалци и други злонамерни лица.
Сепак, Гејтс смета дека вештачката интелигенција има потенцијал да донесе значителни придобивки, особено во медицината и земјоделството, каде што би можела да помогне во спречувањето и лекувањето болести.
Како едно од можните решенија за последиците врз пазарот на трудот, тој предлага воведување данок на вештачката интелигенција или на роботите, по примерот на даноците што се плаќаат на човечкиот труд. Според него, со таква мерка би можело да се забави заменувањето на работниците со автоматизирани системи.
Гејтс исто така смета дека одредени професии треба да останат резервирани за луѓето, а државите мора навреме да реагираат, пред масовната невработеност и пошироките општествени последици да станат сериозен проблем.