BMW објави два повика за сервис на новиот електричен SUV модел BMW iX3 поради потенцијални безбедносни проблеми, меѓу кои е и ризикот од струен удар при полнење на возилото.
Првиот повик се однесува на 145 возила произведени меѓу ноември 2025 и февруари 2026 година. Според компанијата, проблемот е поврзан со вградениот полнач кој ја претвора наизменичната во еднонасочна струја. Во одредени случаи, поради дефект, каросеријата на возилото може да дојде под напон додека автомобилот е приклучен на полнач.
Од BMW наведуваат дека досега не се регистрирани повреди, но предупредуваат дека сопствениците би можеле да почувствуваат струен удар при допирање на возилото за време на полнењето. Како мерка на претпазливост, на сите опфатени автомобили ќе им биде заменет полначот.
Само неколку дена подоцна, компанијата објави и втор повик за сервис кој опфаќа 4.843 возила ширум светот. Причината е можно неправилно прицврстување на страничните воздушни перничиња.
Според производителот, постои ризик перничињата да не се активираат правилно при судир, а во екстремни случаи делови од системот би можеле да се одвојат и да претставуваат опасност за патниците.
И во овој случај нема пријавени несреќи или повреди. Во сервисните центри ќе се изврши проверка на прицврстувањето на воздушните перничиња и ќе се отстранат евентуалните неправилности.
И покрај овие проблеми, новата генерација на BMW iX3 генерално доби позитивни оценки на пазарот и се смета за значително подобрување во однос на претходниот модел.