Германскиот производител BMW официјално ја претстави петтата генерација на својот SUV модел X5, која носи најголеми промени од првото појавување на моделот во 1999 година.
Новиот X5 добива целосно редизајниран изглед, усогласен со дизајнерската филозофија Neue Klasse, а за првпат ќе биде достапен и во целосно електрична верзија под ознаката iX5.
Надворешниот дизајн е значително модернизиран, со поелегантна предна маска, нов светлосен потпис и продолжено меѓуоскино растојание, што треба да обезбеди повеќе простор за патниците на задните седишта.
Внатрешноста, пак, претрпела целосна трансформација. Новиот Panoramic iDrive систем се протега по целата ширина на долниот дел од ветробранското стакло, додека централното место го зазема екран со дијагонала од 17,9 инчи. Купувачите ќе можат дополнително да нарачаат и екран од 14,6 инчи за совозачот.
Меѓу најголемите новости е електричниот BMW iX5 60 xDrive, кој располага со два електромотора со вкупна моќност од 570 коњски сили. Енергијата ја обезбедува батерија со капацитет од 144 kWh, а според компанијата, автономијата изнесува до 700 километри.
Новата 800-волтна архитектура овозможува брзо полнење со моќност до 460 kW, при што батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти за околу 22 минути.
Покрај електричната верзија, во понудата ќе бидат достапни и бензински шестцилиндарски мотори со благ хибриден систем, plug-in хибридната верзија X5 50e xDrive, како и дизел варијанти за одредени пазари. BMW најави и верзија со погон на водород, која ќе биде претставена подоцна.
Продажбата на новата генерација X5 ќе започне во есента на 2026 година, додека електричниот iX5 на одредени пазари ќе пристигне на почетокот на 2027 година.