Членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка, Драгана Бојковска, оцени дека блокадата на Изборниот законик претставува директна блокада на европската агенда на државата и на реформите што, според неа, треба да донесат подобри европски стандарди за граѓаните.
Во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, Бојковска изјави дека Владата и парламентарното мнозинство покажале конструктивност и биле подготвени да ги прифатат барањата на опозицијата со цел да се усвојат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и да се овозможи гласање на дијаспората по пошта.
Таа ја обвини опозицијата, односно СДСМ, Левица и ДУИ, дека реформскиот закон го претвориле во дневнополитичко прашање. Според неа, рокот за договор истекува на 15 јули, а од опозициските партии не пристигнал конкретен одговор.
Бојковска истакна дека Изборниот законик четири месеци бил предмет на работа во Министерството за правда, при што, како што рече, СДСМ ја напуштил работната група, а Левица првично го поддржувала предложеното решение, но подоцна се повлекла.
Таа додаде дека со неусвојувањето на Изборниот законик државата нема да ги добие дополнителните четири милиони евра предвидени преку реформската агенда, но нагласи дека, според најавите на еврокомесарката Марта Кос, Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на реформите и ќе добие дополнителни средства од Европската Унија, покрај веќе предвидените 750 милиони евра.
Бојковска оцени дека блокадата на Изборниот законик доаѓа во период кога Македонија добива признание од Европската Унија за напредокот во реформите и за посветеноста на европските вредности.