Основното јавно обвинителство Свети Николе поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, како и за противправно лишување од слобода, информираат од обвинителството.
Според обвинението, на 19 и 20 февруари во семејната куќа во Свети Николе, обвинетиот при вршење семејно насилство ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка, со која живеел во семејна заедница.
Тој, според наводите, најпрво ја навредувал, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде што ја освестил со ладна вода, по што повторно почнал да ја удира и да ја влече за коса, нанесувајќи ѝ повеќе телесни повреди по главата и телото.
Кога оштетената се обидела да избега, обвинетиот ѝ го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде што ја држел околу 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднел и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме, се вршат дополнителни проверки во однос на наводи и сомненија за други злоупотреби од страна на истото лице кон оштетената, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител.