Британец од северна Англија призна дека повеќе од две децении ја дрогирал и сексуално ја злоставувал сопругата во нивниот дом. Тој ја призна вината непосредно пред почетокот на судењето пред Кралскиот суд во Манчестер.
Мажот, кој е во шеесеттите години, не смее да биде именуван бидејќи тоа би можело да го открие идентитетот на неговата сопруга, која има право на доживотна анонимност.
На судењето тој се изјаснил за виновен по уште 45 точки од обвинението, откако претходно признал 15 кривични дела. Меѓу делата за кои признал се 21 силување, 15 сексуални напади со пенетрација, 11 сексуални напади и едно дело за споделување интимни снимки без согласност.
Кривичните дела биле извршени во периодот од 2004 до 2025 година. Тој признал и дека ѝ давал супстанции на сопругата за да ја онесвести. Обвинителството наведува дека жената повеќепати била силувана и сексуално напаѓана во својот дом додека била во несвест поради дејството на супстанциите.
Во истиот случај се обвинети и уште околу десет мажи, на возраст од 28 до 74 години. Тие се товарат за сексуално злоставување на жената во периодот од 2018 до 2025 година, вклучително и за силување. Сите ги отфрлаат обвиненијата.
„Нашиот фокус останува на обезбедување поддршка за жртвата на оваа ужасна кампања на злоставување во текот на исклучително сложената истрага“, изјави помошникот началник на полицијата на Голем Манчестер, Рик Џексон.
Тој додаде дека жртвата и натаму добива специјализирана помош. Судењето на останатите обвинети треба да се одржи пред истиот суд и се очекува да трае неколку месеци.