Еден од најреномираните британски политички магазини, The New Statesman, објави анализа под наслов „Крај на американската империја“, автор Џон Греј, во која остро се критикува политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран.
Греј наведува дека Трамповата, како што самиот ја нарекол, „мала екскурзија“ во Иран прераснала во сериозно стратешко промашување и „марш кон катастрофа“.
Според неговите зборови, американската воена операција, која првично имаше за цел да спречи Иран да развие нуклеарни капацитети, за кои Трамп претходно тврдеше дека се „уништени“, сега се сведе на обид за деблокада на Ормускиот теснец и враќање на ситуацијата на состојбата пред почетокот на конфликтот.
Авторот предупредува дека таков повраток повеќе не е можен.
„Трамп не може да прогласи победа и да се повлече, а при тоа да му го препушти клучниот морски премин на Иран“, истакнува Греј.
Додава дека токму Иран, благодарение на способноста да ја наруши глобалната економија, веќе започнал процес кој го нарекува „конечен распад на американската империјална моќ“.
Во текстот се нагласува дека војната на Блискиот исток ги поткопала финансиските темели на американската хегемонија. Без разлика на исходот на конфликтот, смета Греј, Иран повторно ќе се појави како голема сила, со пресудна улога во глобалната нафтена економија, особено како контролор на преминот преку Ормускиот теснец.
Посебно предупредува на можноста за дополнителна ескалација. Ако Трамп реши да „го заврши делото“ со покренување копнена операција, Соединетите Американски Држави би можеле да се најдат во конфликт поголем од војните во Виетнам, Авганистан и Ирак заедно.
Греј исто така тврди дека трансатлантскиот сојуз сериозно е разнишан. Иако НАТО формално постои, смета дека е оперативно нефункционален, додека САД сè повеќе се оддалечуваат од Европа и се враќаат на геополитички курс од периодот пред Првата светска војна.
Во анализата се отвора и прашањето на глобалните последици, особено во контекст на Русија и Кина. Авторот предупредува дека ваквата ситуација би можела да им даде можност на лидери како Владимир Путин и Си Џинпинг да ги зајакнат своите позиции, било преку засилени хибридни операции во Европа или преку потенцијално решавање на прашањето за Тајван без директен воен конфликт.
На крај, Греј оди и чекор понатаму, тврдејќи дека Трамповата политика не може да се објасни само низ геополитика, туку и низ психолошки модели на однесување. Повикувајќи се на теориите на Сигмунд Фројд, го опишува Трамповото делување како „присила на повторување“, несвесен обид за повторно обликување на минатото и потврдување на сопствената моќ.
„Во подлабок смисол отколку што обично се признава, Доналд Трамп не знае што прави“, заклучува Греј, оценувајќи дека оваа американска интервенција е „точка без враќање“ во повлекувањето на САД како глобална сила.