Советничката од СДСМ и коалицијата, Катерина Цаневска, изјави дека Standard & Poor’s Global Ratings ги суспендирала долгорочните кредитни рејтинзи Б+ на Град Скопје поради недостиг на доволно и навремени информации.
Според неа, од агенцијата јасно посочиле дека, доколку во разумен рок не се достават потребните податоци за надзор, рејтингот може целосно да биде повлечен.
„Ова не е само лоша оценка на хартија, туку сигнал за сериозни финансиски и управувачки ризици. Кога нема доволно податоци, инвеститорите стануваат уште понесигурни. Суспензијата значи дека Скопје во моментот е невидливо за меѓународните финансиски пазари“, изјави Цаневска.
Таа додаде дека ваквата состојба испраќа порака за нетранспарентност и потенцијално прикривање на финансиската реалност.
„Кога Standard & Poor’s ќе ви го сврти грбот, тоа не е само финансиска белешка, тоа е дијагноза“, рече Цаневска, посочувајќи дека, додека граѓаните се соочуваат со секојдневни проблеми, финансиската состојба на градот се влошува.
Според неа, во услови кога странските инвеститори бараат јасни податоци и сигурност, Град Скопје, како што рече, „нуди молк“.