За нов директор на јавното претпријатие „Лајка“ е назначен Воислав Димитровски, одлука што предизвика спротивставени реакции во Советот на Град Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека станува збор за „нов лик и квалитетен кадар“, кој треба да придонесе за подобрување на работењето на претпријатието.
Од друга страна, советничката од СДСМ и коалицијата, Кети Штерјова, оцени дека станува збор за продолжување на партиските вработувања и враќање на стар кадар.
Таа посочи дека Димитровски веќе бил директор на „Лајка“ во 2021 година, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, и дека не може да се смета за ново решение. Потсети дека во 2022 година поднел оставка, при што, како што наведе, јавно се заблагодарил за поддршката од партијата.
„Наместо нов почеток и одговорност, граѓаните добиваат рециклирање на стар кадар. Кадар кој благодарение на сервилност добива нов мандат“, изјави Штерјова, поставувајќи прашање врз основа на кои критериуми повторно му е дадена довербата.
Според неа, состојбата во претпријатието во периодот кога Димитровски бил директор не укажувала на стабилен и одржлив систем, туку на финансиски проблеми и задолженост.
Назначувањето повторно ја отвори дебатата за професионализацијата на јавните претпријатија и влијанието на партиските структури во нивното управување.