Целосно е реновиран Одделот за неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија, со што пациентите ќе добијат поквалитетни услови за нега и лекување, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Тој изрази задоволство што е завршен уште еден проект за реконструкција во здравството, посочувајќи дека станува збор за објект кој, како што рече, со децении не бил реновиран.
Мицкоски му се заблагодари на директорот и на целиот тим за досегашната работа, нагласувајќи дека здравството останува еден од приоритетите на Владата.
Во периодот што следува, како што најави, ќе продолжат активностите за реконструкција на здравствениот систем. Тој ги посочи проектите поврзани со Клиничкиот центар во Штип, Клиничката болница во Тетово и здравствениот дом со проширена дејност во Кичево.
Паралелно, Владата работи и на проект за конечно консолидирање на општите и заедничките служби при Клиничкиот центар во Скопје. Мицкоски рече дека состојбата била наследена од претходната влада со десетици милиони евра долг.
Во рамки на планираните активности се и хортикултурното уредување и подобрувањето на енергетската ефикасност на објектите во клиничкиот центар. Според Мицкоски, целта е секоја година да се реконструираат и енергетски да се унапредат повеќе од три отсто од јавните објекти.
Тој најави и продолжување на активностите за избор на соодветна локација и преговорите со приватни сопственици за изградба на нов клинички центар.
Мицкоски призна дека во здравството и натаму постојат проблеми, но оцени дека важно е да не се создаваат нови и постепено да се решаваат старите.
„Не е идеално, впрочем никаде не е идеално, проблемите се таложеле со децении, но добро е што не се создаваат нови, а старите се решаваат“, рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари на лекарите, медицинскиот персонал и вработените за нивната работа, како и на пациентите за трпението додека траат реконструкциите и проектите во здравството.
Мицкоски најави дека Владата, заедно со Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, директорите на болниците и медицинскиот персонал, ќе продолжи со инвестиции и активности за подобрување на здравствениот систем.