Централната банка на Ирак ги отфрли информациите дека некоја од лиценцираните банки во земјата банкротирала, откако воведувањето задолжителен надзор над една исламска банка предизвика загриженост кај штедачите.
Од Централната банка појаснија дека назначувањето надзорни комисии или воведувањето присилна администрација во банка не значи дека таа е банкротирана. Станува збор за превентивна регулаторна мерка чија цел е да се зачува стабилноста на банката, да се обезбеди нејзино непречено работење и да се заштитат правата на штедачите.
Во соопштението се наведува дека мерките се преземаат во рамките на законските овластувања на Централната банка и нејзината улога во заштитата на финансискиот систем и стабилноста на банкарскиот сектор.
Ирачката централна банка истакна и дека банкарскиот систем располага со доволно ликвидност за нормално функционирање и справување со можните финансиски притисоци, објави „Ал Џезира“.
Според институцијата, во банкарскиот сектор се применуваат меѓународни стандарди со цел банките да ги почитуваат прописите и да продолжат непречено да ги обезбедуваат финансиските услуги, без да бидат загрозени правата на клиентите.
Од Централната банка посочија дека сите лиценцирани банки се вклучени во системот за осигурување на депозити. Тоа значи дека штедачите имаат право на надомест во случај банката да не може да ги исполни своите обврски, согласно со важечките закони.
На 3 септември, Централната банка воведе задолжителен надзор над Исламската банка „Ал-Таиф“ за инвестиции и финансирање.
Ирачките медиуми случајот го опишуваат како банкарска криза, наведувајќи дека воведувањето присилна администрација предизвикало незадоволство и протести од страна на штедачите.
Извор на порталот „Ултра Ирак“ оценил дека банката „Ал-Таиф“ се соочува со одреден вид криза, додека друг извор навел дека надзорот бил воведен откако штедачите излегле на протест.