Стопанската комора и Владата продолжуваат со разговорите околу донесувањето на Законот за пушење, при што и двете страни ја нагласуваат потребата од решение што ќе го заштити јавното здравство, но истовремено ќе ги минимизира економските последици врз засегнатите чинители.
Претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија, Горан Ѓорѓиевски, изјави дека од ССК реално сметаат оти постои простор да се изнајде заеднички прифатлив модел со кој ќе се влезе во процесот на носење на законот. Тој нагласи дека Комората не го оспорува донесувањето на Законот за пушење, но укажа дека суштината е во разговорите и во пронаоѓањето решенија што ќе имаат најмали можни економски последици.
„Сметаме дека тој закон треба да се донесе, но работата тука е да се разговара и да се изнајде некој модус решенија каде што ќе има најмали економски последици по соодветните чинители. Тука сметаме дека треба дополнително да се разговара и да се олесни целиот процес на носење на законот“, истакна Ѓорѓиевски.
Од владината страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави продолжување на консултациите и уште една средба на која лично ќе присуствува заедно со министерот за здравство. Според него, фокусот на Владата останува заштитата на јавното здравство, но со цел процесот да резултира со решение што ќе биде прифатливо за сите страни.
„Ќе имаме уште еден состанок на кој јас ќе присуствувам и министерот за здравство. Нашата цел е јавното здравство да биде сочувано и да се грижиме за јавното здравство. Тоа ќе им го кажеме и на идниот состанок и на крај ќе донесеме една одлука која ќе биде прифатена од сите засегнати страни“, порача Дурмиши.
Изјавите упатуваат дека процесот на носење на Законот за пушење ќе продолжи низ дијалог и усогласување, при што ќе се бара баланс меѓу здравствените политики и економската одржливост, со цел новото законско решение да добие поширока поддршка и да биде применливо во практика.