Грција најави ограничување на пристапот до социјалните медиуми за деца и тинејџери помлади од 15 години, информира премиерот Киријакос Мицотакис. Предлог-законот се очекува да биде поднесен до Парламентот ова лето и да стапи на сила од 1 јануари 2027 година.
Мерката е дел од напорите за заштита на младите од потенцијални ризици на интернет и за промовирање на безбедно користење на дигиталните платформи.
„Сигурен сум дека многумина од помладите ќе ми се лутат. Да бев на ваша возраст, можеби ќе се чувствував исто. Но, зависноста предизвикана од дизајнот на некои апликации, моделот на правење профит од вашето внимание, од тоа колку време поминувате пред екранот на мобилниот телефон и одземањето дел од вашата невиност и слобода, мора во некој момент да заврши“, порача Мицотакис преку видео на ТикТок.
Владата на Киријакос Мицотакис веќе воведе забрана за користење мобилни телефони во основните и средните училишта, а долго време најавуваше и ограничувања за пристапот до социјалните медиуми.
„Грција ќе биде меѓу првите земји што ќе преземат таква иницијатива. Но, сигурен сум дека нема да биде последна. Имаме намера да извршиме притисок врз Европската Унија во таа насока, додаде Мицотакис.
Покрај Грција, и други земји како Британија, Франција, Португалија и Шпанија планираат слични ограничувања за пристап на младите до социјалните медиуми. Австралија, пак, беше првата земја што постави ограничување, забранувајќи на лицата под 16 години да користат платформи на социјалните медиуми.