Пејачот Драгомир Деспиќ – Десингерица се огласи откако беше приведен за време на полициска контрола во ноќен клуб во Сутоморе, Црна Гора, каде што настапувал.
Во изјава за српските медиуми, тој кратко го коментираше случајот.
„Нема што... Тие си ја работат својата работа. Во принцип, секој си ја работи својата работа најдобро и на сите им е добро“, изјави Десингерица.
Црногорската полиција претходно соопшти дека за време на акциска контрола во ноќниот клуб биле приведени три државјани на Србија, меѓу кои и Десингерица, поради прекршување на Законот за странци. По утврдувањето на нивниот идентитет, сите тројца биле казнети со по 200 евра бидејќи престојувале на територијата на Црна Гора без лични документи.
Во истата контрола, полицијата затекнала 11 малолетници кои консумирале алкохол, а било утврдено и дека едно лице работело без потребната дозвола. Надлежните инспекциски служби откриле повеќе неправилности во работењето на ноќниот клуб, поради што на правното и одговорните физички лица им биле изречени парични казни во вкупен износ од 11.200 евра.