Дете на возраст од 18 месеци се здобило со полесни повреди откако без надзор поминало под ограда во зоолошка градина во градот Херши, во американската сојузна држава Пенсилванија, и се приближило до просторот со волци, соопшти денес управата на зоолошката.
Инцидентот се случил во зоолошката градина ZooAmerica, каде детето успеало да ја заобиколи надворешната заштитна ограда и да се доближи до металната ограда на оградениот простор за волци, се наведува во соопштението, пренесе NBC News.
Како што е прецизирано, детето ја провлекло раката низ заштитната бариера, по што еден волк се приближил и „остварил контакт со неговата рака“.
„Оваа реакција е во согласност со природното однесување на животното и не претставува знак на агресија“, соопштија од зоолошката градина, додавајќи дека станува збор за полесни повреди.
Според интерниот извештај, детето во ниту еден момент не влегло во самиот ограден простор со волците.
Управата на зоолошката нагласи дека безбедноста на посетителите е приоритет, но исто така истакна дека гостите мора да се движат исклучиво во предвидените зони и постојано да ги надгледуваат децата.