Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија оваа недела достигнаа највисоко ниво откако се следат податоците, односно во последните повеќе од 20 години. Според податоците на Европската комисија, полнењето резервоар од 50 литри со бензин сега чини околу 103 евра, а со дизел 108 евра, пренесува Index.hr.
Растот на цените значително го поттикнуваат високите рафинериски маржи, а експертите на Европската централна банка проценуваат дека маржите за дизелот врвот ќе го достигнат дури во октомври, што укажува на можноста цените да останат високи.
Цените на горивото на бензинските станици значително пораснаа по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително ги засили инфлаторните притисоци. Европската централна банка соопшти дека инфлацијата на енергенсите во еврозоната во август скокнала на 14,3 отсто, во однос на 10,3 отсто во јули.
Просечната цена на литар бензин во ЕУ на 14 септември изнесувала 2,063 евра, а на дизелот 2,159 евра. Станува збор за највисоките забележани цени откако Комисијата во 2005 година почнала да ги следи податоците. Претходната рекордна цена на бензинот била забележана во 2022 година, додека цената на дизелот последен пат се приближила до сегашното ниво во април годинава.
Цените значително се разликуваат меѓу земјите членки. Најевтин бензин има на Малта, каде што литар чини 1,34 евра, додека најскап е во Данска, со цена од 2,56 евра. Дизелот исто така е најевтин на Малта, каде што литар чини 1,21 евро, додека најскап е во Финска, со цена од 2,51 евро.
Податоците потекнуваат од неделниот билтен на Европската комисија за нафтата, објавен на 17 септември, а се однесуваат на цените забележани на 14 септември, со вклучени даноци и акцизи.
Растот на цените трае со месеци, од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, која го наруши протокот на енергенси низ Ормускиот Теснец. Цената на референтната сурова нафта брент на врвот на конфликтот надминала 126 долари за барел, а во петокот со барел за испорака следниот месец се тргувало по цена повисока од 104 долари. Пред војната цената била околу 72 долари.
Снабдувањето на Европа дополнително е отежнато бидејќи Saudi Aramco известил најмалку две европски рафинерии дека во октомври нема да ги добијат договорените испораки на нафта. Според пишувањето на Bloomberg, кој се повикува на извори запознаени со ситуацијата, одлуката се однесува на сите европски купувачи и е донесена по нападите врз клучниот саудиски нафтовод кој води кон Црвеното Море.
Сепак, цената на суровата нафта на светските пазари не е единствениот фактор за растот. Значително поскапела и преработката на нафтата, а пораснале и рафинериските маржи, што дополнително ги зголемува цените на бензинските станици.
Рафинериската маржа претставува разлика меѓу цената на суровата нафта и цената на добиените деривати, како бензинот и дизелот.
Се чини дека маржите за бензинот веќе го достигнале врвот, додека експертите на ЕЦБ за Euronews Business очекуваат маржите за дизелот врвот да го достигнат дури во октомври.
„Според цените на фјучерс-договорите за дизелот забележани на 16 септември, се очекува маржата за дизелот врвот да го достигне во октомври. Податоците за бензинот од истиот датум покажуваат дека неговите маржи врвот го достигнале во август“, навеле тие.
Од почетокот на 2026 година просечната цена на бензинот во ЕУ пораснала за приближно 29 отсто, а на дизелот за речиси 40 отсто.
Според анализата на ЕЦБ од јули, промените во цените на суровата нафта главно целосно се пренесуваат врз цените на горивото пред оданочување во рок од еден до два месеца.
Во јули суровата нафта сочинувала помалку од една четвртина од цената на горивото во еврозоната. Остатокот го сочинувале трошоците за преработка и дистрибуција, маржите и даноците, кои ги објаснуваат големите разлики во цените меѓу државите. Акцизите и ДДВ тогаш сочинувале околу 44 отсто од цената на дизелот и 52 отсто од цената на бензинот.
Експертите на ЕЦБ истакнуваат дека рафинериските маржи моментално сочинуваат значаен дел од цената на дизелот.
„Проценуваме дека во третата недела од септември рафинериските маржи сочинувале 0,41 евро по литар дизел, односно 19 отсто од малопродажната цена, додека кај бензинот изнесувале 0,17 евра по литар, односно 8 отсто“, навеле тие.