Долги колони од автомобили се забележуваат пред повеќе бензински станици во Скопје, откако граѓаните брзаат да наполнат гориво пред стапувањето на сила на новите, повисоки цени.
Регулаторната комисија за енергетика денеска донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 14,27 проценти во однос на претходната одлука од 2 март 2026 година. Новите цени ќе почнат да важат од полноќ, односно од 10 март во 00:01 часот.
Според одлуката, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 79,50 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 81,50 денари за литар. Најголемо поскапување има кај дизелот, при што ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе чини 85,50 денари за литар, што е зголемување од 14,50 денари.
Екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 ќе се продава по 82,50 денари за литар, односно поскапува за 12,50 денари, додека цената на мазутот М-1 НС се зголемува за 7,044 денари и ќе изнесува 42,586 денари за килограм.
Цената на нафтата на светските пазари бележи раст поради тензиите на Блискиот Исток.