Пентагон го засилува американското воено присуство на Блискиот Исток со испраќање трет носач на авиони во регионот, заедно со меѓу 9.000 и 10.000 војници, објави „Волстрит журнал“.
Ударната група на носачот на авиони „Теодор Рузвелт“ во неделата го напушти Сан Диего, а се очекува во регионот да пристигне во ноември. Засега не е јасно дали неговото распоредување ќе значи замена на друг носач на авиони или дополнително зголемување на бројот на американските сили на Блискиот Исток.
Во регионот веќе се наоѓаат носачите „Џорџ Х. В. Буш“ и „Џорџ Вашингтон“. Вториот во август го замени „Абрахам Линколн“ по неговиот подолг престој во регионот. „Џорџ Вашингтон“ вообичаено е распореден во Тихиот Океан и се наоѓа во Јапонија.
Според информациите, Пентагон направил планови „Теодор Рузвелт“ да биде подготвен за подолг престој во регионот. Тоа вклучува зголемување на резервите на храна, хигиенски и други потреби, како и подобрување на комуникацијата на морнарите со нивните семејства и условите за живот на носачот.
Началникот на поморските операции, адмиралот Дарил Кодл, минатиот месец изјави дека се обезбедени нова опрема за забава, поиздржлива фитнес-опрема, резервни кардио справи и материјали за празниците.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела го отфрли предлогот на Иран за седумдневен прекин на огнот, оценувајќи го како неприфатлив.
Иран соопшти дека во тој период би го отворил Ормускиот Теснец, додека високи претставници на американската администрација тврдат дека САД веќе транспортираат нафта низ овој стратешки премин.
Трамп, исто така, ја спомена можноста за продолжување на бомбардирањето на Иран по изборите за Конгресот. Во интервју за списанието „Тајм“ изјавил дека со уништувањето на Иран бил создаден мир во светот и дека со Иран, според него, никогаш не би можело да има мир.