Дунав кај Бездан достигна исклучително низок водостој од минус 133 сантиметри, со што се доближува до најниското ниво измерено во 1909 година. Според прогнозите на Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, веќе во првите денови од следната недела нивото на реката може да се намали до рекордни минус 147 сантиметри.
Поради повлекувањето на водата, на повеќе локации се појавија песочни наслаги и делови од речното корито кои долго време биле под вода. Жителите на Бездан велат дека не паметат ваква состојба и предупредуваат дека сè потешко се одвива пловидбата, а доколку водостојот продолжи да паѓа, проблеми ќе имаат и помалите пловни објекти.
Рибарите посочуваат дека екстремно ниското ниво на Дунав негативно се одразува и врз живиот свет. Според нив, поради недостатокот на вода се намалуваат условите за природен мрест на рибите, што може да има долгорочни последици врз речниот екосистем.
Како одговор на состојбата, Покраинската влада прогласи вонредна состојба во општините Сомбор, Кула и Врбас и обезбеди 270 милиони динари за итни интервенции за заштита на хидросистемот Дунав–Тиса–Дунав.
Покрај влијанието врз пловидбата и транспортот, нискиот водостој создава проблеми и во производството на електрична енергија од хидроелектраните, а дополнително го нарушува природниот баланс на реката.