Патнички крузер со 238 лица заглави на Дунав во близина на романскиот град Салчија, откако поради екстремно нискиот водостој се насука на плиток дел од реката. Бугарската гранична полиција спроведе евакуација на 186 патници од бродот „Викинг Улур“, кој плови под швајцарско знаме, додека 52 членови на екипажот останаа на пловилото, пренесува digi24.ro.
Крузерот бил на пат кон бугарското пристаниште Видин, каде што требало да се снабди, но поради долгото задржување почнал да останува без резерви на вода за пиење.
Иако бил испратен друг брод за да ги преземе патниците, поради ниското ниво на Дунав не можел да се доближи до заглавениот крузер. Затоа, патниците биле евакуирани со патролни чамци на бугарската гранична полиција.
Бродот испловил од романскиот град Дробета-Турну Северин, но се заглавил на делница со песочни наноси. Според надлежните, протокот на Дунав моментално изнесува околу 1.600 кубни метри во секунда, што значително ја отежнува пловидбата.
Во текот на ноќта и утринските часови биле направени неколку обиди за извлекување на крузерот, но без успех. Од пристанишните власти оценуваат дека засега нема изгледи пловилото брзо да биде ослободено.