Состојбата со заморот и недостигот на кадар во контролата на воздушниот сообраќај во Австралија повторно е во фокусот по серијата опасни ситуации на аеродромот во Сиднеј. Дури половина од контролорите кои биле на смена кога два авиони на „Кантас“ за малку ќе се судреле, биле означени како лица со висок ризик од замор.
Инцидентот се случил на 27 јули, кога авион на „Кантас“ што слетувал, за малку ќе удрел во „Боинг 737“ на истата компанија, на кој му било одобрено да ја премине пистата. Станува збор за првиот од шесте опасни блиски средби меѓу авиони на аеродромот во Сиднеј во период од околу еден месец, што дополнително ги засилило прашањата за состојбата на контролата на воздушниот сообраќај и недостигот на персонал.
Од десетте контролори кои биле на должност, пет биле проценети како лица со висок ризик од замор, еден со среден, а еден со низок ризик. Кај тројцата контролори кои директно биле вклучени во инцидентот, двајца биле во категоријата со висок ризик, а еден со среден ризик.
„Утрово имаме пет лица со висок ризик од замор. Малку е лудо“, му рекол раководителот на смената на директорот за управување со воздушниот сообраќај по инцидентот, според снимка до која дошол „Ројтерс“.
Австралиското биро за безбедност во сообраќајот (ATSB) ги истражува сите шест блиски средби за да утврди дали постојат заеднички безбедносни проблеми или фактори што придонеле за инцидентите.
Системот за управување со заморот не утврдува дали контролорот навистина е уморен, туку преку фактори како работното оптоварување и распоредот ја проценува веројатноста за замор. Во зависност од проценката, може да се определат подолги паузи, да се ограничи обемот на сообраќај со кој управува контролорот или да му се скрати смената.
Синдикатот на контролорите предупредува дека недостигот на кадар резултира со повеќе прекувремена работа, помалку слободни денови и поголем притисок врз вработените. Според податоците на „Airservices Australia“, во шесте недели до 28 август во Сиднеј бил регистриран невообичаено висок број краткотрајни отсуства, што дополнително го отежнало пополнувањето на сите оперативни смени.
Двајца австралиски контролори изјавиле за „Ројтерс“ дека на вработените редовно им се дозволува да работат и кога системот ги означува како високоризични поради замор. Тие посочиле дека големиот обем на сообраќај и недостигот на персонал понекогаш го отежнуваат спроведувањето на мерките за намалување на ризикот.
Според колективниот договор, австралиските контролори можат да работат до десет последователни смени, вклучително и дополнителни и итни смени, со ограничување од 80 работни часа во непрекинат работен период. Тројца контролори и нивниот синдикат за „Ројтерс“ изјавиле дека не е невообичаено вработените да работат десет дена по ред пред да добијат слободен ден.
Недостигот на контролори и зголемената прекувремена работа не се проблем само во Австралија. Во САД, трошоците за прекувремена работа на контролорите на воздушниот сообраќај пораснале за повеќе од 300 отсто меѓу 2013 и 2024 година, достигнувајќи околу 200 милиони долари во минатата година.