Естонија ќе ѝ отстапи дел од своите затворски капацитети на Шведска, која се соочува со сериозен недостиг од места во казнено-поправните установи. Договорот вреден 600 милиони евра предвидува користење на 400 ќелии во затворот во Тарту, каде што во следните недели треба да бидат сместени до 600 шведски затвореници, пишува „Ченел 4 њуз“.
Договорот им носи корист на двете земји – Шведска ќе го ублажи проблемот со пренатрупаноста во своите затвори, додека Естонија ќе добива средства за користење на капацитетите кои досега биле полупразни. Пред пристигнувањето на шведските затвореници, естонските осуденици биле префрлени во други затвори, а дел од ќелиите биле приспособени според барањата на Шведска.
Естонија, земја со околу 1,3 милиони жители, има спротивен проблем од Шведска и Велика Британија – недоволен број затвореници за целосно да ги искористи сопствените капацитети.
Слична можност претходно разгледувала и Велика Британија, каде што разговорите со Естонија започнале за време на претходната конзервативна влада. Сепак, Лондон се откажал од планот, по што договорот го добила Шведска.
Естонската министерка за правда, Лиса Пакоста, изјавила дека доколку разговорите со британската страна продолжеле, британските затвореници можеби досега би биле сместени во Естонија. Сепак, таа сега вели дека Талин нема да склучува нов договор, бидејќи веќе има договор со Шведска.
Во затворот во Тарту претходно биле сместени и осуденици за воени злосторства од војните во поранешна Југославија, меѓу кои Милан Мартиќ, Милан Лукиќ и Драгомир Милошевиќ. Тие биле префрлени во други естонски затвори за да се ослободат места за шведските затвореници.
Ќелиите во Тарту биле приспособени според шведските стандарди, меѓу другото со телевизори, слушалки и други предмети. Според договорот, затворскиот персонал ќе треба да ги нарекува шведските осуденици „клиенти“, наместо „затвореници“, како дел од пристапот што треба да обезбеди похуман третман.
Естонските власти сметаат дека договорот ќе донесе дополнителни приходи во време кога земјата издвојува значителни средства за одбраната поради безбедносните ризици поврзани со Русија.