Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, на денешната прес-конференција изјави дека Европската комисија ја препознала Македонија како една од водечките земји во регионот во спроведувањето на реформите предвидени со Реформската агенда.
Според него, последните анализи на Европската комисија покажуваат дека Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, е меѓу најуспешните земји кандидатки во исполнувањето на реформските обврски, што, како што рече, претставува значајна потврда за досегашната работа на институциите.
Милошоски посочи дека финансиската поддршка од Планот за раст на Европската комисија е директно поврзана со степенот на реализирани реформи, при што овие три држави добиле највисоки оценки во споредба со останатите земји од регионот.
Тој ја поздрави и најавата на Европската комисија за можна прераспределба на средствата од Планот за раст, со која дел од средствата наменети за земјите со послаб реформски напредок би биле пренасочени кон Македонија, Албанија и Црна Гора.
Во своето обраќање, Милошоски оцени дека ваквата оценка ги демантира тврдењата на опозицијата дека државата заостанува во реформите. Воедно, тој упати повик до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, да не ги блокира законите што се дел од Реформската агенда, вклучително и Изборниот законик.
Според Милошоски, усвојувањето на овие законски решенија ќе придонесе за зацврстување на угледот на Македонија пред Европската комисија и ќе овозможи државата да обезбеди поголем дел од средствата предвидени со Планот за раст.