Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, денеска го критикуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по неговата најава дека ќе го блокира предложениот Изборен законик.
Според Милошоски, ваквиот став на Филипче претставува спротивставување на законите кои се дел од Реформската агенда и за кои, како што посочи, Европската комисија досега давала високи оценки.
Тој оцени дека најавата за блокада може да претставува обид на лидерот на СДСМ да обезбеди алиби за евентуален иден изборен пораз или можен бојкот на следните парламентарни избори.
Милошоски ја постави и дилемата дали ставовите на Филипче се координирани со оние на Левица, посочувајќи дека претходно и оваа партија најавила можна блокада и филибастеринг на предложениот закон.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека предложениот Изборен законик предвидува воведување електронско гласање за дијаспората, според модели кои се применуваат во Франција и Естонија.
„Ваквото електронско гласање на дијаспората е многу важно за нивното учество на изборите за претседател на државата и за избор на пратеници“, изјави Милошоски.
Тој додаде дека блокирањето на законот, според него, би било штетно и за спроведувањето на Реформската агенда, но и за врската меѓу македонските иселеници и матичната држава преку остварувањето на нивното право на глас.