Канада и официјално ќе стане дел од Изборот за песна на Евровизија, откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ) соопшти дека националниот јавен сервис CBC/Radio-Canada е нејзина нова членка и ќе учествува на натпреварот во 2027 година, кој ќе се одржи во Бугарија.
Со ова, Канада станува првата нова земја што се приклучува на Евровизија по Австралија, која дебитираше во 2015 година.
Канадскиот претставник ќе настапува во полуфиналната фаза на натпреварот, а јавниот сервис CBC/Radio-Canada до крајот на годинава ќе го објави начинот на кој ќе биде избран претставникот за Евровизија 2027.
Од ЕБУ посочуваат дека интересот за Евровизија во Канада постојано расте. За време на 70. издание на натпреварот, одржано во мај годинава, Канада беше меѓу трите најуспешни земји во гласањето во категоријата „Остатокот од светот“, а канадските обожаватели беа и меѓу најбројните купувачи на билети надвор од Европа.
Претседателката и главна извршна директорка на CBC/Radio-Canada, Мари-Филип Бушар, изјави дека приклучувањето кон Евровизија претставува можност канадските музички таленти да се претстават на една од најпрестижните светски музички сцени, додека љубителите на натпреварот во Канада ќе можат да продолжат активно да го следат и да гласаат, но овојпат и да навиваат за својата земја.
Директорот на Евровизија при ЕБУ, Мартин Грин, оцени дека приклучувањето на Канада е уште еден доказ дека натпреварот, иако има европски корени, одамна ја надминал Европа и прераснал во глобален музички настан. Тој потсети и на силната врска на Канада со Евровизија, нагласувајќи дека бројни канадски уметници настапувале на сцената на натпреварот, меѓу кои и победничката од 1988 година, Селин Дион.
Според ЕБУ, Евровизија во 2026 година ја следеле повеќе од 130 милиони гледачи на 35 пазари, а јубилејното 70. издание поставило и нови рекорди на социјалните мрежи. Профилот на натпреварот на „ТикТок“ надминал четири милиони следбеници и остварил повеќе од 870 милиони прегледи, додека на „Инстаграм“ за првпат биле регистрирани повеќе од една милијарда прегледи.