ФИФА соопшти дека ќе продолжи со консултациите околу предлогот за формирање нова комерцијална компанија во која приватни инвеститори би можеле да купат малцински удел, отфрлајќи ги обвинувањата дека Светското првенство или светскиот фудбал се ставаат на продажба.
Реакцијата доаѓа откако УЕФА најави дека ќе ги бојкотира светските првенства доколку предлогот биде усвоен, а ист став зазеде и КОНКАКАФ. Двете конфедерации заедно располагаат со 96 гласа, додека за усвојување на иницијативата се потребни најмалку 106 од вкупно 211 членки на ФИФА.
Од светската фудбалска организација порачаа дека досегашната јавна дебата била нарушена од неточни медиумски информации и нагласија дека сите национални федерации ќе имаат можност да донесат одлука врз основа на целосни и точни информации.
„Ги почитуваме ставовите и загриженоста што беа изнесени во јавноста и остануваме посветени на отворен и демократски процес на консултации. Никој не го продава фудбалот. Тоа никогаш не било и нема да биде опција што ФИФА би ја разгледувала“, наведуваат од организацијата.
Предлогот на претседателот Џани Инфантино предвидува формирање нова компанија „FIFA Forward Enterprise“, која би управувала со комерцијалните права на највредните натпреварувања под капата на ФИФА, вклучително и Светското првенство. Според планот, приватни инвеститори би можеле да поседуваат малцински удел, без право на контролен пакет.
ФИФА тврди дека проектот ќе им овозможи на националните сојузи да учествуваат во комерцијалниот развој на фудбалот и дека нема да влијае врз управувањето со организацијата или врз интегритетот на натпреварувањата.
Од друга страна, УЕФА остро се спротивставува на иницијативата, оценувајќи дека Светското првенство не смее да стане инвестициски производ и дека ФИФА се откажува од својата улога на чувар на светскиот фудбал.
КОНКАКАФ, исто така, изрази незадоволство од недоволната транспарентност и краткиот рок што им е даден на федерациите за изјаснување, додека Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) оцени дека проектот е претставен без претходни консултации и без доволно финансиски и правни анализи.
Според претходните информации, националните федерации треба да се изјаснат за предлогот до 19 септември. Ако биде одобрен, инвеститорската група би била предводена од американската компанија „Thrive Eternal“, чиј основач е Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.