Министерот за правда Игор Филков денеска во Владата ги презентираше пред амбасадорите на Европската Унија резултатите од спроведувањето на Реформската агенда во областа на владеењето на правото, како и законските реформи и следните чекори во исполнувањето на европските обврски на државата.
Филков истакна дека Министерството за правда во изминатиот период реализирало најобемен законодавен реформски циклус, при што за помалку од две години биле подготвени околу 30 законски решенија, од кои 13 се директно поврзани со Реформската агенда.
„Овој законодавен циклус претставува најобемен реформски процес реализиран од Министерството за правда во толку краток временски период и е јасен доказ за институционалниот капацитет, одговорноста и решителноста со кои се спроведуваат реформите“, изјави Филков.
Тој нагласи дека реформите се спроведуваат во тесна координација со Владата, Европската комисија, експертската јавност и меѓународните партнери, со цел да се изгради функционален, ефикасен и европски правосуден систем.
Според министерот, во рамките на четвртото барање за ослободување средства од Реформската агенда се следат 17 реформски чекори, а седум од нив се однесуваат на донесување на 13 законски решенија што се во надлежност на Министерството за правда.
Тој информираше дека сите законски решенија се подготвени, четири веќе се усвоени во Собранието, додека останатите се наоѓаат во различни фази од законодавната постапка. За дел од реформите, меѓу кои Законот за јавното обвинителство и Изборниот законик, продолжуваат активностите за обезбедување поширока политичка поддршка.
Пред дипломатите биле презентирани и донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, како и законите за судска и јавнообвинителска служба, со кои се унапредува системот на вработување и се гарантираат правата на вработените.
„Реформите се инвестиција во иднината на државата. Со нив градиме посилни институции, поефикасно правосудство, повисока доверба кај граѓаните и побрза европска интеграција“, порача министерот за правда Игор Филков.