Ал Наср се соочува со сериозни проблеми надвор од теренот, а финансиската криза би можела значително да ги наруши плановите на саудискиот гигант во тековниот преоден рок.
Клубот за кој настапува Кристијано Роналдо засега не реализирал ниту едно засилување, а причината за тоа е нарушената финансиска стабилност. Иако постоела желба тимот да се засили, Ал Наср во моментов нема можност слободно да дејствува на трансфер-пазарот.
Според саудискиот весник „Арријадија“, клубот постигнал договор за ангажман на португалскиот играч од средниот ред Саму Коста од Мајорка, но трансферот сè уште не е официјализиран. Дополнително, нерешена останува и ситуацијата околу продолжувањето на договорот со Абдулрахман Гареб.
Истиот извор наведува дека долговите на Ал Наср надминуваат 800 милиони саудиски ријали, односно околу 187 милиони евра. Како што се наведува, проблемите се последица на потезите и одлуките донесени во текот на минатата сезона.
Сопственикот на клубот, Саудискиот јавен инвестициски фонд, подготвил неколку можни решенија за излез од кризата. Една од опциите е намалување на одредени финансиски овластувања на актуелната управа, додека клубот нема да може да реализира нови трансфери сè додека не обезбеди дополнителни средства од сопствени приходи.
Вториот план предвидува ангажирање финансиски, правни и комерцијални експерти кои треба да помогнат во зголемување на приходите, рационализација на трошоците и стабилизирање на работењето.
Третата можност е продажба на дел од сопственоста во клубот. Наводно веќе постојат две сериозни понуди, но фондот засега повеќе се приклонува кон модел на делумна продажба, наместо целосно повлекување од сопственичката структура.
Навивачите на Ал Наср бараат брзо решение, особено откако градскиот ривал Ал Хилал ја промени сопственичката структура и премина под контрола на компанијата „Кингдом холдинг компани“.
Доколку финансиските проблеми не бидат решени во скоро време, последиците би можеле да се одразат врз амбициите на клубот, преодниот рок, но и врз иднината на Кристијано Роналдо, најголемата ѕвезда на тимот.