Подната фонтана на плоштадот во Скопје, која со години беше надвор од функција, наскоро повторно ќе биде пуштена во употреба, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, фонтаната, која некогаш беше едно од најпрепознатливите обележја на главниот град и омилено место за скопјани и туристи, по повеќе од една деценија запуштеност и негрижа повторно ќе заживее.
„Ова повеќе нема да биде простор по кој ќе минуваат автомобили и тешки товарни возила. Повторно ќе биде место за прошетка, фотографирање, убавина и гордост, кое достоинствено ќе го претставува Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека во моментов се изведуваат градежни активности на терен и дека за неколку дена подната фонтана повторно ќе биде ставена во функција.
Градоначалникот потсети дека во изминатиот период повторно биле пуштени во употреба и повеќе други фонтани и обележја во градот, меѓу кои „Лотосов цвет“, фонтаните „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, фонтаната кај споменикот „Паднати борци“, како и фонтаната на плоштадот „ВМРО“. Повторно беше запален и Вечниот оган.
„Ги враќаме симболите на градот и сјајот на Скопје. Го враќаме она што со години беше оставено и заборавено“, порача Ѓорѓиевски.