На денот кога Владимир Блажев – Панчо ќе го прославеше својот 47. роденден, пред зградата во која живееше во скопската населба Аеродром беше откриен мурал со неговиот лик.
На настанот се собраа негови пријатели, соседи и почитувачи, кои преку маалска дружба и музика му оддадоа почит на еден од најомилените македонски музичари и се потсетија на заедничките моменти со него.
Фотографии од откривањето на муралот објави издавачката куќа „Шур шотс“, чиј соосновач беше и Панчо.
„Денес, на денот на роденденот на Панчо, за првпат се прикажа мурал со неговиот лик пред зградата во која живееше. Преку маалска дружба и музика се потсетивме на него и убавите заеднички моменти. Фала им на дечките од Аеродром за иницијативата и изработката на муралот и се надеваме дека оваа собиранка ќе ни прерасне во традиција“, напишаа од „Шур шотс“.
Објавата ја завршија со пораката: „Засекогаш П“.