Крајбрежјето на далечниот исток на Русија беше погодено од силен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени, со епицентар на полуостровот Камчатка. Поради потресот, беа активирани предупредувања за појава на цунами во неколку земји што се наоѓаат околу Пацифичкиот Океан, меѓу кои Русија, Јапонија, Хаваи, Чиле и други држави, објави Ројтерс.
Сеизмичкиот настан е оценет како најинтензивен во регионот во изминатите седум децении.
Регионалните власти во Камчатка соопштија дека се појавиле бранови со височина од три до четири метри околу полуостровот, како директна последица од земјотресот.
Гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, преку видео порака објавена на Телеграм, посочи дека потресот е исклучително сериозен и го нарече најсилен во последните неколку децении.
Научници од Академијата потврдија дека ваков силен земјотрес немало во овој дел на Русија од 1952 година.
Јапонија нареди итни евакуации
Јапонските власти издадоа итно предупредување за жителите на крајбрежните подрачја, повикувајќи ги веднаш да се евакуираат. На островот од раните утрински часови се слушаат сирени за предупредување од цунами.
„Преместете се веднаш на повисока и безбедна територија. Времето на доаѓање на брановите е само приближна проценка – тие може да пристигнат и порано или подоцна. Не го прекинувајте процесот на евакуација додека трае алармот“, стои во објавата.
Првите цунами бранови стигнаа до северниот јапонски остров Хокаидо. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат жители како се искачуваат на покривите од куќите, барајќи засолниште.
Метеоролозите најавуваат дека висината на брановите може да достигне од три до четири метри.
Цунами закана потврдија и Кина и САД
Кинескиот центар за предупредување од цунами информира дека на источниот брег на Кина може да пристигнат бранови високи од 30 сантиметри до еден метар.
Професорот Харолд Тобин, сеизмолог при Универзитетот во Вашингтон, изјави дека развојот на ситуацијата на Хаваи ќе биде важен показател за тоа што може да се очекува во другите делови на Пацификот.
„Сценаријата се различни – може да нема голема штета, но можно е да има сериозни последици за крајбрежните области“, предупреди тој.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку порака на социјалните мрежи објави дека поради силниот земјотрес издадено е предупредување за цунами за Хаваи, како и за Алјаска и за западниот брег на Соединетите Американски Држави.
фото: Х