Новак Ѓоковиќ по пласманот во третото коло на Мастерсот во Индијан Велс изјави дека во моментов нема „прв тренер“ и дека не планира да назначи таков, затоа што не чувствува дека е подготвен, во оваа фаза од кариерата, да започне процес на целосно запознавање и градење нова соработка.
По победата над Камил Мајхшак во второто коло, српскиот тенисер нагласи дека е мирен со ситуацијата и дека смета оти го има потребното за да функционира на турнирите без класичен шеф на стручниот штаб.
„Немам никого кого би можел да го наречам прв тренер во овој момент. И јас сум во ред со тоа. Чувствувам дека го имам она што ми е потребно. Не мислам дека сега сум подготвен, во оваа фаза од кариерата, да доведам некој сосема нов и да поминам со него низ целиот процес на запознавање“, порача Ѓоковиќ.
Иако наскоро ќе наполни 39 години, Ѓоковиќ истакна дека амбицијата да биде сè подобар на теренот не се менува, па отсуството на „прв тренер“, според него, не значи дека престанал да работи на напредок.
„Недостигот на тренер не значи дека не се обидувам да ја подобрам играта или да иновирам, да најдам начини на и надвор од теренот да ја подобрам играта. Го правам тоа, доведов различни луѓе, поминав неколку недели анализирајќи и деконструирајќи ја мојата игра“, додаде тој.
Во третото коло во Индијан Велс, Ѓоковиќ ќе игра против Американецот Александар Ковачевиќ.