Повеќе од 1.200 онколошки пациенти аплицирале за финансиска поддршка, а сите кои ги исполниле условите веќе ги добиле средствата, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски преку објава посочи дека исплатата за сите одобрени барања е завршена или ќе биде реализирана во текот на наредниот ден, а повикот за финансиска поддршка сè уште е отворен.
„Зад секоја бројка стои човек. Стои семејство. Стојат непроспиени ноќи, страв, надеж и огромна борба“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека институционалната поддршка треба да биде насочена кон конкретна помош за граѓаните кои се соочуваат со тешки животни ситуации.
„Наша човечка и институционална обврска е да бидеме покрај нашите сограѓани не само со зборови, туку со конкретни дела, грижа и поддршка“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е ниту еден граѓанин во најтешките моменти да не се чувствува сам и дека заедницата треба да покаже солидарност и поддршка.