Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, го претстави проектот „SKOPJE CITY GO“ – унифицирана паметна картичка која, како што вели, ќе им овозможи на граѓаните пристап до сите градски услуги на едно место.
„Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана дигитална алатка“, напиша Ѓорѓиевски. Со картичката ќе може да се користи јавниот превоз, паркинзите, културните и забавните содржини како музеи, кина, театри, жичарата и Зоолошката градина.
Тој најави дека „SKOPJE CITY GO“ ќе биде симбол на социјална еднаквост, бидејќи средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно, а услугите ќе бидат бесплатни или со значително намалени цени.
Картичката ќе има вредност и во приватниот сектор, со што општествено одговорни компании ќе овозможат дополнителни услуги и поволности.
„SKOPJE CITY GO“ ќе биде достапна како мобилна апликација и како физичка картичка, за да биде прилагодена на сите возрасни категории и технолошки навики, потенцира Ѓорѓиевски.
Тој проектот го претстави како дел од визијата за „модерно, дигитално и европско Скопје“ кое ќе штеди време и пари на жителите и ќе обезбеди еднакви можности за сите.