Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, направи пресек на првата година од својот нов мандат, посочувајќи ги инвестициите во патната и комуналната инфраструктура, образованието, спортот и поддршката за семејствата. Меѓу новите мерки е зголемувањето на еднократната финансиска поддршка за новороденчиња на 6.000 денари.
Според Георгиевски, меѓу приоритетите останува патната инфраструктура. Целосно е реконструиран локалниот пат Мршевци–Дељадровци во должина од околу 1.900 метри, во населбата Јака се изградени улиците „103“ и „111“, а завршени се новиот плочест мост и сервисната улица „500“. Во тек или завршени се реконструкции и во Кадино, Илинден и на дел од патот Илинден–Јурумлери.
Во комуналната инфраструктура, во Кадино се изградени повеќе од пет километри примарна канализациска мрежа, потисен цевковод и нови краци, а започнала и изградбата на препумпен уред. Во Миладиновци, пак, започната е изградба на нова фекална канализациска мрежа долга околу 4.600 метри. Со новите линии и приклучоци во повеќе населени места, според градоначалникот, на системот се приклучуваат околу 150 нови домаќинства и објекти.
Инвестиции има и во образованието. Започната е изградбата на нова училишна зграда во рамките на ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден, на повеќе од 900 квадратни метри и на два ката. Објектот е предвидено да има 10 училници, шест санитарни јазли, лифт и дополнителни простории.
Од учебната 2026/2027 година Општината вовела и еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари за секое прваче, покрај училишниот ранец и прибор што веќе ги обезбедува. Во детската градинка „Гоце Делчев“ е пуштена во употреба и нова централна кујна со капацитет за повеќе од 800 оброци дневно, а со адаптацијата на старата кујна во две занимални треба да се обезбедат места за уште 50 деца.
„Ја зголемивме и еднократната финансиска поддршка за новороденчињата, која сега изнесува 6.000 денари“, посочи Георгиевски.
Во спортот, на фудбалскиот стадион во Илинден се гради нова трибина за околу 1.100 гледачи, со соблекувални, простории за судии и официјални лица, санитарни и други придружни простории. Поставен е и систем за осветлување со повеќе од 30 рефлектори.
Се реновира и спортската сала „Гоце Делчев“, а реконструирани се спортски игралишта во Мралино и Марино. Општината продолжила и со изградба и обновување детски игралишта во повеќе населени места.
Георгиевски посочи и дека во рамките на проектот „Зелена Општина Илинден“ се засадени повеќе од 1.000 садници, додека атмосферските канали и речните корита биле чистени, нивелирани и регулирани во вкупна должина од над 43 километри. Продолжиле и субвенциите за инвертер-клими, соларни панели и велосипеди.
„Продолжуваме со јасна визија за модерен, европски и економски силен Илинден, со подобра инфраструктура, квалитетно образование, повеќе простор за спорт и култура и силна локална економија“, порача Георгиевски во пресекот на сработеното.