Министерството за внатрешни работи ги потсетува сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека преку системот „Безбеден град“ можат да проверат дали со нивното возило е регистриран сообраќаен прекршок и да ги подмират обврските електронски.
За таа намена е достапна веб-апликацијата „Безбеден град“, приспособена и за користење преку мобилен телефон. Корисниците можат да се регистрираат, да проверат евентуални прекршоци, да добијат увид во издадените прекршочни платни налози и да извршат електронско плаќање.
Користењето на апликацијата не е задолжително, но овозможува прекршоците да се проверат и подмират однапред, со што се олеснува постапката при излез од државата.
За оние кои не ја користат апликацијата, информација за евентуален прекршок може да се добие и при излез од државата преку граничниот премин Табановце. Таму плаќањето се врши со платежна картичка, додека плаќање во готовина не е предвидено.
Од МВР информираат дека се преземаат активности можноста за информирање и подмирување на овие обврски да биде достапна и на други гранични премини.